Пелистер почна со зимски подготовки, Секуловски тренер, а сите прашуваат – за парите!

Битолскиот прволигаш Пелистер со многу поскромни најави од изминатиот период, но и со многу мака да обезбеди квалитетен ростер, денеска ги стартуваше зимските подготовки. Прозивката ја изврши новиот тренер Марјан Секуловски, а во улога на спортски директор ќе биде Менде Степановски. Состојбата во клубот поради познатиот хаос со префрлување на топката околу долговите на поранешните мнозински акционери и општина Битола воопшто не е сјајна. Сепак, Степановски им соопштил на фудбалерите дека согласно разговорите со претседателот на Советот на општина Битола, Валентин Груевски, обезбеден е буџет за пролетната полусезона.

Со новиот тренер Марјан Секуловски ќе соработуваат Пеце Миленковски и Сашо Петровски. Тој истакна дека иако стартот на подготовките е задоцнет, ќе се работи максимално сериозно за тимот да биде подготвен за вториот дел од сезоната.

„Прво започнуваме во Битола, каде ќе имаме по еден тренинг до сабота, а во недела слободен ден. Од понеделник ќе се работи со засилено темпо. Остануваме во Битола до 29 јанаури, а потоа осум дена ќе работиме надвор од Битола, каде ќе одиграме две-три контролни средби. По враќањето во Битола, ќе имаме два дена слободни, а потоа ќе работиме на тактички план и да ја довоиграме екипата се до почетокот на пролетнито дел кој е мошне рано на 14 февруари, а не очекува натпревар против екипата на Победа“, изјави Марјан Секуловски.

Фото: www.bitolanews.com

 

Се вчитува...