Пелистер прави простор за Марио Танкоски

Марио Танкоски се наоѓа пред потпис со Пелистер, трансфер што беше најавуван уште минатото лето, но дефинитивно ќе се комплетира во текот на летово. Репрезентативецот од таборот на Металург беше желба на битолчани уште додека овој амбициозен проект го носеше името Работник, а по зголемувањето на буџетот и фузијата со Пелистер, сега токму овој ракометар е главна желба на битолските „фармацевти“.

Токму тоа е причината поради која е дадено зелено светло за заминување на бекот Ловро Јотиќ, кој сезонава беше клучен ракометар, но летово ќе си замине од Пелистер и ќе се пресели во Португалија. Бенфика ќе биде нов клуб на хрватскиот „бомбардер“, откако доскорешниот клуб на Борко Ристовски ги договори условите за двогодишна соработка со Јотиќ. Тој требаше да остане во Пелистер уште една година, но реши да си замине, оставајќи ги „фармацевтите“ да тргнат во завршна офанзива по Танкоски.

Работник и минатото лето ги имаше договорено личните услови со македонскиот бек, но проблем претставуваше отштетата што ја бараше Металург. Самиот ракометар бараше раскин преку Комисијата за Арбитража при РФМ, која на крајот пресуди во корист на клубот, па Танкоски ја мина сезоната во дресот на „металурзите“.

Се вчитува...