Пелистер пресилен за Металург во Струга

Ракометарите на Пелистер триумфираа над Металург (24-22) во дерби-дуелот од првиот натпреварувачки ден од турнирот во Струга, правејќи голем чекор за осигурување на првото место во групата и пласман во финалето. Пресметката меѓу двата ривали кои со големи амбицие ќе влезат во новата сезона мина во знакот на битолчани, кои го контролираа резултатот и на крајот заслужено се радуваа на победата.

Битолчани беа подобар ривал во првото полувреме, но падот во концентрација во самиот финиш од полувремето придонесе Металург да се приближи. При резултат 14-12 Потиќ од идеална позиција (без голман на голот) не успеа да намали на „минус еден“, по што Периќ со прекрасен гол во последната секунда ги постави конечните 15-12 по 30 минути игра.

„Металурзите“ одлично парираа се до последните десетина минути. При резултат 20-19 избраниците на Зоран Кастратовиќ не искористија шанса да израмнат, по што Пелистер даде три гола во низа и го реши овој натпревар, што битолчани на крајот го добија со конечни 24-22.

Кушан со пет гола ги предводеше стрелците кај победничкиот тим, најдобри стрелци кај Металург беа Канкараш, Потиќ и Серафимов со по четири погодоци.

Се вчитува...