Пелистер против Сутјеска ја бара првата победа во АБА2

По убедливиот пораз на првиот натпревар од турнирот на АБА2 лигата во Златибор, Пелистер денеска од 18 часот против Сутјеска ќе се обиде да го поправи впечатокот и да стигне до првата победа во регионалното натпреварување.

„Зелено-белите“ потфрлија против Ловќен, натпревар во кој дозволија противникот да ја надмине границата од сто постигнати поени, притоа имаа и 19 изгубени топки што е премногу за едно вакво натпреварување. Но, лошиот меч е надминат, а погледите во таборот на битолчани се свртени кон денешниот противник.

„По првиот натпревар против Ловќен видовме дека не можеме да влеземе во ниту еден натпревар без сериозен пристап и дека во оваа лига нема лесен противник. За натпреварот против Сутјеска очекувам да одиграме посериозно уште од самиот почеток на натпреварот со подобра одбрана и се надевам дека ќе победиме“, изјави за ЕКИПА, Марјан Младеновиќ.

Црногорскиот противник е тим кој добро ја користи висината во рекетот, а тоа го докажаа и на мечот против Рогашка на кој постигнаа 34 поени во овој сегмент од играта па „зелено-белите“ ќе мораат денеска да го лимитираат противникот во рекетот доколку сакаат да стигнат до првите два бода.

Се вчитува...