Кошаркарскиот клуб Пелистер продолжува со засилувањата за наредната сезона, откако битолчани успеаја да го комплетираат трансферот на репрезентативецот Љубомир Младеновски.
За услугите на центарот на Работнички се интересираа неколку клубови од Македонија, тој имаше и понуда од Романија, но на крајот Младеновски го избра токму Пелистер за своја следна дестинација во кариерата. Еден од клучните фактори во преговорите беше тренерот Марјан Илиевски, кој успеа да го убеди Младеновски да се пресели во Битола, каде ќе биде еден од главните адути на успешниот стратег во атакот на трофеи во наредната сезона.
Битолчани го задржаа Кесар, кој имаше извонредна сезона лани, тука е и Бојан Трајковски, па сега со доаѓањето на Младеновски „пелистерци“ формираат моќен тим за борбата под обрачите. Плејмејкерската позиција беше засилена со доаѓањето на Младеновиќ, со кого Илиевски имаше беспрекорна соработка во Блокотехна, а потпишан беше и Американецот Чиз.
Пелистер неодамна доби покана да учествува во АБА2-лигата во наредната сезона, за што битолскиот клуб ќе треба да донесе одлука во наредниот период во консултација со стручниот штаб. Доколку одговорот биде позитивен, Пелистер ќе мора да ангажира уште неколку нови кошаркари доколку сака достојно да дебитира на регионалната сцена, имајќи доволно широк ростер за да бележи добри резултати и на домашно и на меѓународно ниво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА