Пелистер со „стотка“ ја реши и Горица, држи приклучок кон врвот на АБА2-лигата

Пелистер ја забележа и четвртата победа на петтиот натпревар од АБА2-лигата, откако македонскиот вицешампион славеше против Горица со резултат 91-100. Противникот влезе без ниту еден триумф во овој меч, но изненади со одлично издание, што сепак беше недоволно за да бидат изненадени „пелистерци“, кои со оваа победа одржуваат приклучок кон врвот на табелата во регионалното натпреварување.

Двете екипи одиграа максимално ефикасно во првата четвртина во која беа постигнати 53 поени, а Пелистер ја доби со минимално водство од 26-27. Хаџифезовиќ погоди за 26-29 на стартот од вториот дел за Пелистер, потоа македонскиот вицепрвак во неколку ситуации имаше „плус пет“, но Горица го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 53-47. Караџовски погоди тројка за да го запре налетот на противникот, Хрватите реализираа едно слободно фрлање, по што на одмор се замина со водство на Горица од 54-50.

Избраниците на Марјан Илиевски на самиот старт од третата четвртина израмнија на 54-54, но следеше нова серија на противничкиот состав, кој стигна до најубедливи 65-57. Пелистер покажа карактер и успеа да се врати, третата четвртина заврши со израмнети 74-74, а во ист стил продолжија и последните десет минути од овој интересен натпревар. Илиевси побара тајмаут при 87-87 на помалку од три минути до крајот, по што Хаџифејзовиќ постигна значајна тројка за „зелено-белите“, а на помалку од минута до крајот тројка постигна и Стајиќ, за водство од 89-95 и печат на победата, на крајот изразена со конечни 91-100, со новата тројка на Бобан Стајиќ.

Хаџифезовиќ и Карутерс постигнаа по 24 поени за „пелистерци“, додека 22 поени реализираше Караџовски, со шест погодени тројки од 12 обиди.

Се вчитува...