Пелистер целосно потфрли и загуби од Рогашка

Пелистер неочекувано лесно и убедливо загуби од екипата на Рогашка со резултат 92-79 во деветтото коло од АБА2-лигата. Битолчани се надеваа на нова одлична партија по големиот триумф над Младост Земун, но им се случи токму спротивното, одиграа катастрофално и седмиот пораз во регионалното натпреварување беше неизбежен. Главна причина за неуспехот е очајното издание во нападот, каде „пелистерци“ имаа дури 19 загубени топки (13 од нив во првото полувреме).

Проблемите со нападот на Пелистер беа очигледни од самиот старт на мечот, во кој избраниците на Илиевски влегоа премногу самоуверено, но отворија со серија почетнички грешки што противникот ги искористи за да поведе со 8-2. Штом се консолидираше нападот веднаш следуваше и резултатски камбек, а „пелистерци“ продолжија со солидна игра само до крајот на првата четвртина, што заврши со минимално водство на Рогашка од 23-22. Вторите десет минути минаа во знакот на противникот од Словенија, кој со леснотија ги казнуваше грешките на македонскиот претставник, па Рогашка на одмор замина со предност од 48-36, откако Пелистер за две четвртини имаше вкупно 13 загубени топки.

„Пелистерци“ нешто подобро го отворија второто полувреме, намалија на 42-35, но потоа следеа два неуспешни удари од далечина што противникот ги казни со поени на спротивната страна и ново двоцифрено водство за Рогашка. Николиќ блесна во нападот со десет поени за Пелистер во третата четвртина, но српскиот бек немаше помош од соиграчите, па во последните десет минути од мечот се влезе со убедливо водство на словенечкиот состав од 72-62. Битолчани не успеаја ниту посериозно да се приближат, најмногу што ја спуштија негативата беше „минус осум“, па Рогашка со прецизни удари од далечина во завршницата рутински го доби мечот со убедливи 92-79.

Кесар беше прв стрелец со 25 поени и 10 скока, Малешевиќ го заврши дуелот со 24 поени и 12 скокови, недоволно за да се избегне нов пораз во регионалното натпреварување.

Настапот на турнирот во Подгорица битолскиот тим го завршува со петочниот дуел против екипата на Подгорица.

Се вчитува...