Пелистер убедливо поразен од Спортинг во Лисабон

Ракометарите на Е. Пелистер не успеаја да приредат изненадување против Спортинг во Лисабон во 11. коло од Лигата на шампионите доживувајќи пораз од 30-24.

Битолчани имаа квалитетно прво полувреме низ кое успешно парираа на домашните, заминувајќи со негатива од само еден гол (14-13) на паузата.

Но, во вториот дел Спортинг до 48 минута дојде до предност од пет гола разлика, 25-20, по што веќе полека се кршеше отпорот на македонскиот шампион. Во еден момент Португалците имаа и осум гола разлика, за да на крјот се заокружи на 30-24.

Кузмановски беше најефикасен во македонскиот тим со 6 гола, додека Хосни заврши со пет погодоци. Кај Спортинг се издвои Салвадор со 8 гола.

Пелистер со 6 бода сега е на седмата позиција во групата А, со ист број бодови колку и Висла Плок, која денеска изненадувачки славеше со 28-31 на гостувањето против ПСЖ.

Во останатите денешни мечеви, Веспрем на гости триумфраше против Динамо Букурешт со 26-33, а Фуксе Берлин со 36-29 ја победи Фредериција.

Се вчитува...