Пелистер во финишот „потклекна“ против Хелиос

Кошаркарите на Пелистер доживеаја пораз од Хелиос Домжале со 85-81 во натпреварот од 12. коло во АБА 2 лигата. Битолчани одиграа добар меч против фаворизираниот противник, но грешките во нападот на крајот на мечот пресудија во корист на словенечкиот тим.

Пелистер го отвори подобро натпреварот и по четири минути игра имаше плус осум (9-17). Сепак, Словенците успеаја да ја пронајдат својата игра и до крајот на првите дсет минути да дојдат до негатива од само минус два 20-22. Во вториот период фаворитите од Словенија заиграа подобро и успеаја да ја преземат иницијативата и на пауза да заминат со предност од плус три 47-44.

Пелистерци добро го отворија второто полувреме и брзо успеаја да се вратат во водство (49-52). До крајот на третиот период двата тима се менуваа во водство, но ниту еден од противниците не успеа да направи поголема предност, па по триесет минути резултатот на семафорот изнесуваше 66-66.

Последниот период Пелистер го отвори со две тројки на Бобан Стајиќ која донесе предност од плус шест 66-72. Следеше нов пад на битолскиот клуб и Словенците со неколку поени во низа на пет минути до крајот на мечот повторно поведоа 77-74. Во финишот Пелистер имаше шанса да израмни на негатива од три поени, но одигра лош напад кој заврши без шут по што Хелиос успеа на крајот да стигне до конечен триумф од 85-81.

Блаж Махковиќ со 32 поени беше убедливо најдобриот поединец во таборот на победникот, додека кај Пелистер Малешевиќ заврши со 18 поени, а Караџовски уфрли 12.

Се вчитува...