Пелистер воскресна во АБА2, лекција по кошарка за Младост во Бања Лука

Пелистер ја прекина серијата слаби игри во АБА2, откако битолчани конечно заиграа во својот препознатлив ритам од македонскиот шампионат и го декласираа Младост Земун со убедливи 99-83. Младост во овој меч влезе со скор од пет победи и два порази, Пелистер имаше само една победа и шест порази, но тоа беше само мотив плус за Марјан Илиевски и неговите избраници да одиграат на највисоко ниво и да го демолираат српскиот претставник, за одличен старт на овој трет турнир од АБА2 што се игра во Бања Лука.

„Пелистерци“ тргнаа фуриозно од самиот почеток, Малешевиќ ги постигна првите поени на мечот изнудувајќи притоа и прекршок, како најава за одличното издание на битолскиот тим. Првата четртина мина во апсолутна доминација на македонскиот претставник, во чии редови блескаше Игор Кесар, српскиот центар за нецели десет минути на теренот постигна дури 18 поени и беше најзаслужен што Пелистер го доби овој дел од мечот со убедливи 18-31.

Младост за момент влезе во ритам во првиот дел од втората четвртина, но по тајмаутот на тренерот Илиевски при водство од 47-35 битолчани повторно презедоа контрола. Иако Бојиќ реализираше неколку напади под нивниот кош, нападот беше главно оружје на Пелистер на оваа средба, папред крајот на полувремето предноста беше зголемена на „плус деветнаесет“, откако во последните секунди Младеновски реализираше „два плус еден“.

Самиот старт на второто полувреме го донесе и првото водство на Пелистер од над 20 поени (Кесар реализираше за 57-36), а една минута подоцна македонскиот тим имаше и „плус 25“ (61-36). Следеше период на нешто послаба игра во одбраната, а Младост го искористи тоа и намали на 68-53, а во последните десет минути од мечот се влезе со резултат 74-60. Шансите за некаков камбек на српскиот тим исчезнаа на почетокот од четвртата четвртина, Пелистер повторно влезе во серија и ја крена разликата на 20 поени, по што македонскиот прволигаш рутински ја финишираше средбата, за втора радост во АБА2 лигата.

Игор Кесар одигра феноменален натпревар, реализирајќи 36 поени и десет скокови, Малешевиќ постигна 19 поени за Пелистер, додека Бобан Стајиќ имаше пет поени, но и единаесет асистенции до соиграчите.

Следен предизвик за „пелистерци“ во Бања Лука ќе биде дуелот со Рогашка од Словенија што е на програма во вторник, со почеток во 21 часот.

 

Се вчитува...