Со денешната тренинг сесија официјално завршија базичните подготовки на Еурофарм Пелистер во Маврово. Од понеделникот до попладнево, водени од стручниот штаб, ракометарите изработија според планот и добија два дена заслужен одмор. Подготовките за сезоната 2022/23 продолжуваат в среда со тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Првиот контролен натпревар е в сабота, на шести август, против Еурофарм Пелистер 2.
„Маврово секоја година го посетуваме. Тука има одлични услови за работа, температурата е одлична. Ние тренираме напорно, имаме поинтензивни тренинзи со новиот тренер. Припремите течат одлично. Првиот дел беше физичка подготвеност, сега во вториот ќе се воигруваме за натпреварите кои ни следат. Добредојден е турнирот во Струга, каде ќе видиме како ќе играме. Ни следи и натпреварот со Мешков Брест, каде влогот е голем – пласман на СЕХА завршницата. Полека ќе биде сè во ред и формата ќе оди во нагорна линија. Имаме доста нови играчи, доста млади ракометари и ќе ни треба повеќе работа и повеќе воигрување“, изјави Гоце Ојлески, еден од најискусните во редовите на македонскиот вицешампион.
Марио Танкоски е оптимист дека и покрај бројните заминувања летово, битолскиот клуб нема да загуби на квалитет во сезоната што следи.
„При крај сме со овие тешки припреми. Трениравме напорно, дури и некогаш по четири пати на ден, но тоа е добро. Доста играчи се сменија, но квалитетот мислам дека е истиот. Од сегашна гледна точка мислам дека ќе имаме успешна сезона. Ова е моја сезона и во разговор со тренерот се надевам дека ќе имам простор за надигрување. Проблемот со рскавицата е зад мене и можам да се посветам кон ракометот“, оптимист е Танкоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА