„Пелистерци“ пак се мачеа, но стигнаа до нова победа

Еурофарм Пелистер во осмото суперлигашко коло ја забележа и седмата победа (единственото реми го имаше со Еурофарм Пелистер 2), откако битолчани триумфираа на гостувањето против Скопје со 20-25. Бодовите се прокнижени, но Еурофарм повторно се мачеше со ривал каков што вообичаено многу полесно го добиваше, уште еден доказ дека новиот тренер Валтер има проблеми да ја наметне својата филозофија врз тимот полн со нови ракометари.

„Пелистерци“ тргнаа моќно, поведоа со 1-5 предводени од одличниот Ојлевски, потоа имаа и 3-8, но како што одминуваше натпреварот така гостите го намалуваа темпото, што ракометарите на Скопје го искористија за да се вратат во мечот. На одмор се замина со водство на Еурофарм Пелистер од 9-12, но домаќините уште по десетина минути игра успеаја да израмнат на 14-14. Дуелот беше израмнет до 17-17, за во завршницата сепак да пресудат квалитетот и искуството на гостинскиот состав, кој триумфираше со конечни 20-25.

Хененберг со шест и Сери со четири гола беа најдобри стрелци кај Еурофарм Пелистер, додека во таборот на Скопје најефикасни беа Трајковски со шест и Јакимовски со четири погодоци.

Се вчитува...