„Пелистерци“ пред финалето со МЗТ: Би биле пресреќни кога би стигнале до една победа на првите две средби

Кошаркарите на Пелистер максимално мотивирани го очекуваат почетокот на финалната серија од плејофот против актуелниот првак МЗТ Скопје. Овие два тима и лани се бореа за големиот трофеј, МЗТ на крајот славеше со 3-1 во победи, но тоа искуство ќе им послужи на битолчани да се прикажат во уште подобро светло во претстојните натпревари.

Невообичаено, двата тима имаа по десетина дена пауза за подготовки поради однапред утврдените термини од страна на федерациите, а треба да се одбележи и промената на форматот на натпреварување, па така МЗТ Скопје ќе ги игра првите две средби во Аеродром, потоа е предвидено да се играат два меча во Битола, а евентуалната мајсторка би била на програмата во СЦ „Јане Сандански“. Поради оваа промена, главна цел на битолчани е да слават на барем еден од првите два натпревари и да се изборат за загарантирани два меча на свој терен.

„Минавме десетина дена во подготовки за почетокот на оваа финална серија, но мене ме радува што за прв пат или можеби втор пат ние сме комплетни оваа сезона, имавме можност малку да одмориме, но и добро да одработиме и да се подготвиме. Има промена во системот, па првите две средби ќе се играат во Скопје, но да бидам оптимистичен, мислам дека сите во нашиот табор би биле пресреќни кога би стигнале до еден триумф на теренот на МЗТ, на овие први две средби. Со таков еден триумф би си обезбедиле две средби во Битола, што е многу значајно за нас“, изјави искусниот Димитар Караџовски.

Сличен е ставот и на српскиот интернационалец во таборот на „пелистерци“, Никола Силаџи.

„Паузата од десетина дена добро ја искористивме, ги залечивме сите повреди и добро трениравме и се подготвивме за почетокот на оваа финална серија. Ќе дадеме се од себе на овие две средби во Скопје да стигнеме до најмалку една победа и да ја вратиме серијата со уште два дуели во Битола, пред нашите верни навивачи. Целата работа од овие девет месеци сега се сведува на овие неколку натпревари, ние сме подготвени да дадеме се од себе и да оствариме што подобар резултат. Верувам дека серијата ќе биде многу интересна. МЗТ ја има улогата на благ фаворит, но ние бевме втори, веднаш зад нив на табелата и секако дека ќе се бориме за да ги изненадиме во оваа финална серија“, порачува Никола Силаџи.

Се вчитува...