„Пелистерци“ рутински го решија Пролет

Еурофарм Пелистер без многу мака славеше на денешниот дуел со Пролет (), најавувајќи враќање во посакуваната форма во самиот финиш од сезонава, по серијата слаби настапи и резултати во изминатите дваесетина дена. Битолчани доминираа од почеток до крај, оправдувајќи ја улогата на фаворит против гостите од Скопје, кои допатуваа ослабени поради неиграњето на Пејовиќ и на Џонов.

„Пелистерци“ по само две минути игра веќе поведоа со 3-0, ставајќи до знаење дека цврстата одбрана ќе биде нивни заштитен знак на овој натпревар. Еурофарм продолжи да доминира, на полувреме се замина со убедливо водство на домашниот тим од 12-6, а домаќините на стартот од вториот дел поведоа со 16-8. Прашањето на победникот беше решено, па непотребно се создаде тензија на дванаесет минути до крајот, кога при резултат 19-14 судиите им покажаа црвени картони на гостинскиот капитен Ласко Андоновски и на искусниот Дејан Пецаковски, при што Пецаковски потоа доби и син картон, па му се заканува неиграње во следното коло против Бутел.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер до крајот успеаја дополнително да ја зголемат предноста и да слават со убедливи 26-17. Хрватите Кушан и Мандалиниќ со по пет гола беа најдобри стрелци во победничкиот тим, додека кај Пролет најефикасни беа Аларов со пет и Андоновски со четири гола

Се вчитува...