Вардар експресно се врати на врвот на прволигашката табела откако „црвено-црните“ излегоа како победници од вечното дерби против Пелистер, славејќи во Битола со 1-2. По мирното прво полувреме, сите возбудувања се случија во вторите 45 минути, во кои Вардар на крајот со голот од пенал на Закариќ стигна до посакуваната победа.
Во првото полувреме навивачите во Битола беа сведоци на само две шанси, двете за гостите во почетните десет минути, најпрвин Матиќ шутираше со глава над гредата по корнерот од десната страна, а нешт о подоцна непрецизен беше и Бабунски.
Второто полувреме беше отворено со фантастичниот погодок на Мато во 54. минута, кога најдобриот овосезонски фудбалер на Вардар мајсторски погоди од 20 метри за славје на „црвено-црните“. Пелистер одговори шест минути подоцна, Стефан Спировски испрати проектил што голманот Талевски едвај го одбрани, но на одбиената топка натрча Петар Петковски и ја смести во мрежата.
Клучен момент беше 80. минута, кога по еден старт врз Данев главниот судија без размислување покажа на белата точка. Дел од фудбалерите на Пелистер се крстеа на ваквата одлука, дел чекаа од ВАР собата истата да биде променета, но откако пеналот беше потврден Закариќ рутински реализираше од белата точка, за деветта овосезонска победа на „црвено-црните“.
Пелистер се обиде да стигне до второ израмнување, но Мирко Ивановски не се снајде најдобро во 96. минута, што значеше и осми пораз во досегашните 12 средби на битолчани во елитното македонско фудбалско друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

