„Пелистерци“ се спасија од пораз, Бидасоа не успеа да ја освои Битола

Еурофарм Пелистер ремизираше 29-29 против Бидасоа во новиот европски предизвик за битолскиот клуб. Откако пред една седмица претрпе убедлив пораз од шпанскиот тим, македонскиот вицепрвак овојпат се покажа во далеку подобро светло.„Пелистерци“ беа подобар ривал во првото полувреме, потоа следеше сериозен пад во финишот, по кој избраниците на тренерот Валтер едвај стигнаа до бод на овој натпревар.

Хенеберг одлично влезе во натпреварот постигнувајќи ги првите три гола за Еурофарм Пелистер, но гостите потоа го неутрализираа данскиот бек, по што тој до крајот на полувремето не успеа повторно да се запише меѓу стрелците. „Пелистерци“ го контролираа резултатот, за момент водеа со два гола (7-5), но по исклучувањето на Кукоски ракометарите на Бидасоа експресно стигнаа до израмнување. Штом се израмнија силите на теренот македонскиот вицепрвак повторно влезе во серија, предводен од одличниот Хосни поведе и со четири гола предност (16-12), но малиот пад во концентрацијата и двата примени гола во последната минута придонесоа на одмор да се замине со само еден погодок предност за „пелистерци“ (17-16).

Второто полувреме почна исто како и првото, со гол на Хенеберг, но гостинските ракометари не дозволија битолчани да се одлепат, па по десетина минути игра резултатот беше израмнет (21-21). Хосни не можеше да го повтори изданието од првото полувреме, а по неговите грешки тимот на Бидасоа успеа да го сврти резултатот во своја полза и да поведе со 22-24. Шпанците стигнаа и до плус три (23-26), но Хосни со два гола го врати Еурофарм Пелистер во мечот, пред Василев да погоди за 26-26. „Пелистерци“ не искористија неколку напади за водство при 27-27, за по лошото додавање на Танкоски гостите да стигнат до предност со голот што од контранапад го постигна Азкуе.

Валтер побара тајмаут, советите на вродија со плод бидејќи следеше промашен шут на Хосни, па гол на Бидасоа за водство од 27-29. „Пелистерци“ се најдоа на работ на амбисот по загубената топка при овој резултат, но Шпанците се збунија и им дадоа нова шанса на ракометарите на битолскиот клуб, кои успеаја да се вратат постигнувајќи два гола за помалку од една минута (преку Ојлески и Танкоски), израмнувајќи на 29-29 на нешто помалку од една минутадо крајот. Бидасоа го имаше последниот напад, но одбраната на Пелистер одговори на предизвикот и овој меч заврши без победник, 29-29.

Хосни со осум гола беше најефикасен во таборот на Еурофарм Пелистер, седум реализираше Танкоски, а под своето ниво одигра Хенберг, со четири гола од 11 обиди.

Се вчитува...