„Пелистерци“ убедливи – битолски „ѕид“ за Татран Прешов

Еурофарм Пелистер ја забележа и втората победа во рамките од СЕХА-лигата откако вечерва рутински славеше на домашен терен над Татран Прешов со убедливи 28-16. Словачкиот првак низ годините важеше за незгоден ривал за македонските екипи во СЕХА, но избраниците на Голужа веќе не делуваат така опасно, а „пелистерци“ знаеја да ја претворат својата надмоќ на тереенот во убедлива победа.

Словаците изненадија со цврста одбрана во првиот дел од првото полувреме, но по нивното водство од 3-5 следеше фуриозна серија од 6-0 на „пелистерци“. Избраниците на Бабиќ добија на самодоверба во нападот, но играа и многу квалитетно во одбраната, што им овозможи да заминат на одмор со предност од 11-7. Веќе на самиот почеток од второто полувреме предноста беше зголемена на „плус шест“ (15-9), со што практично беше и скршен отпорот на противникот. „Пелистерци“ одиграа фанатично во одбраната, што им овозможи во 48. минута преку Граџан да стигнат и до првото двоцифрено водство на мечот (22-12). Убедливата предност беше задржана до самиот крај и конечните 28-16, за втора победа на Еурофарм Пелистер во третиот овосезонски меч од СЕХА-лигата.

Хендави повторно беше одличен на голот на битолчани со 14 успешни интервенции, додека во фазата на нападот најефикасни беа Граџан со седум, Периќ со шест и Мараш со три погодоци.

Се вчитува...