Пеналите го чинеа Вардар пораз од Пик Сегед

Ракометарите на Вардар загубија на домашен терен од Пик Сегед со 26-28 во натпревар од Лигата на шампионите. Неколкуте промашени зицери во вториот дел, меѓу кои и два пенала беа клучниот фактор во новиот пораз на црвено црните во елитното натпреварување.

Првите седум минути поминаа во израмнета игра на двата тима, а првата опиплива предност ја имаа гостите по истекот на деветтата минута кога поведоа со плус три (2-5). По пет минути во кои се играше гол за гол, а гостите имаа предност од (4-7), следуваше мини серија на „црвено-црните“ кои во 15. минута успеаја да го израмнат резултатот на 7-7.

Вардар продолжи со одличната игра, а во 20. минута успеа за првпат на натпреварот да стигне до водство од 11-10. Вардар продолжи со одличната игра, а со голот на Тимур Дибиров во 28. минута, „црвено-црните“ за првпат во мечот стигнаа и до позитива од плус три (15-12). До крајот на првите 30 минути, Унгарците успеаја да постигнат еден гол и на пауза да се замине со резултат 15-13.

Ловро Јотиќ беше неверојатен на стартот на второто полувреме и со три гола едно подруго успеа во 40. минута повторно да му донесе на Вардар предност од плус (20-17). Следуваше нова одбрана на Борко Ристовски по која Вардар можеше да стигне и до најголемите плус четири, но Калараш на маестрален начин беше сопрен од Мирко Алиловиќ кој го замени бледиот во вториот дел Роланд Миклер.

По пропуштената шанса следуваше серија на гостите од 3-0 по која за првпат во вториот дел дојдоа до израмнување 20-20, по кое Стевчо Алушовски беше приморан да повика тајм-аут.  Лошата игра на Вардар продолжи и по тајм-аутот, Тимур Дибиров промаши пенал, по кој Унгарците успеаја да го преземат водството (21-22). Во следните десетина минути се играше гол за гол, а на пет минути до крајот на мечот Пик Сегед влезе со минимална предност од 25-26. Следеше нов промашен пенал на Вардар, овојпат од Иван Чупиќ, а во следниот напад преку Бенце Банхиди тимот од Сегедин дојде до два гола предност 25-27. Вардар преку Калараш намали на 26-27.

Богдан Радивојевиќ и Бенце Банхиди со по шест гола беа први имиња во победничкиот табор, додека по пет пет постигна Кашпарек. Кај Вардар Дибиров и Јотиќ со по шест гола беа најефикасни. Вардар останува последен во А групата со три бода, додека Пик Сегед сега е петти со 8 бода.

Се вчитува...