Пенезиќ: Сакам малку „тепање“ и агресивна игра

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски

Андреа Пенезиќ е „машината за голови“ во Вардар и моментно прв стрелец во Лигата на шампионите со 87 гола. Во трката за втората голгетерската титула во најпрестижното европско натпреварување, најголеми конкуренти на Пенезиќ и се двете ракометарки на Будуќност Кристина Неагу (80) и Катарина Булатовиќ (79). Но, за хрватската репрезентативка ова индивидуално признание е во втор план пред онаа прва и основна цел на вардарки во четвртиот обид конечно да стигнат до долгопосакуваното финале во ЛШ. А, последна пречка до целта, во денешното полуфинале, исто како лани, ќе им биде ЧСМ Букурешт.

„Шансите се 50-50. Не знам што да кажам. ЧСМ Букурешт има навистина одлична екипа, имаат голема самодоверба, лани освоија титула, така што имаат некое искуство зад себе. Ние го напаѓаме врвот, еве сега по четврти пат, се надевам дека ова ќе ни биде таа успешна година“ – вели Андреа Пенезиќ.

Бекот на Вардар често е цел на противничката одбрана. Во големите мечеви, дури и овие во женска конкуренција, не недостасуваат остри удари, но Пенезиќ вели дека тоа не може да ја сопре, ниту пак да ја уплаши. Напротив…

„Ќе видиме, јас сум во секој случај за тоа да биде дозволено малку „тепање“, да можеме и ние да „тепаме“ да одиграме агресивна, цврста одбрана, па ќе видиме кој ќе биде поуспешен“ – вели ракометарката на Вардар, во добро расположение пред завршниот викенд во Будимпешта.

Лани Вардар во полуфиналето беше изненаден од тогаш аутсајдерот ЧСМ Букурешт, сега актуелниот европски шампион. Годинава вардарки повторно ќе ги одмерат силите со романскиот шампион и ќе имаат шанса да се реваншираат за ланскиот пораз. А, голема улога во оваа мисија сигурно ќе виде во рацете на Пенезиќ.

„ЧСМ Букурешт ја игра истата игра, има неколку нови засилувања, но мотор на екипата им е Изабела Гулден и ние ќе мораме да ја спречиме таа соработка и проигрувањата меѓу неа и Манеа. Првенствено за нас е да одиграме добра одбрана, да им помогнеме на голманите и од тоа после да постигнуваме лесни голови. А, во нападот ни треба ладна глава, дисциплина и да не заборавиме дека натпреварот се игра 60 минути“ – нагласува Пенезиќ.

Натпревaрот меѓу Вардар и ЧСМ Букурешт е втор на денешната полуфинална програма на Ф4 во Будимпешта и ќе се одигра со почеток во 17.45 часот во „Ласло Пап Арената“. Во првото полуфинале (15.15 ч.) играат Ѓер и Будуќност.

Се вчитува...