Пеп Гвардиола не ја крие желбата да го доведе Алексис Санчез во Манчестер сити, а по неколкуте одбиени понуди стратегот на „граѓаните“ се реши за поинаква тактика, нудејќи му на Арсенал и замена за чилеанскиот офанзивец. Станува збор за Рахим Стерлинг, кој според англиските медиуми е вклучен во понудата што утрово Манчестер ја испратил до Арсенал, заедно со дополнителна сума од 35 милиони фунти.
Арсенал ги демантираше вчерашните информации дека Алексис поднел барање за трансфер, но тоа не го менува фактот дека Чилеанецот е крајно незадоволен во Лондон и инсистира на заминување. Венгер не сака ни да чуе за продажба на својот најдобар фудбалер, но „топчиите“ се наоѓаат во небрано бидејќи Санчез има договор на уште само десет месеци, па ова им е последна шанса да го продадат пред следното лето тој да замине во друг клуб (веќе во јануари би можел да преговара со други клубови).
Стерлинг не е играч од нивото на Алексис, но во секој случај е добра опција во период во кој „топчиите“ се обидуваат да доведат врвни засилувања, уште повеќе ако се знае дека Арсенал ќе заработи и дополнителни парични средства покрај добивањето на англискиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА