Пеп Гвардиола наскоро би можел да се повлече од тренерската работа.
Еден од најуспешните експерти во историјата на фудбалот призна дека во моментов не чувствува потреба да се врати на клупата и дека сака да го проживее малку животот надвор од спортот што ја одбележа неговата кариера.
Гвардиола веќе еднаш направи пауза од фудбалот. По четири исклучително успешни години како тренер на Барселона, кога освои речиси сè што можеше со каталонскиот гигант, реши да се пензионира и да помине една година во САД, посветен на своето семејство, себеси и личниот развој.
Сепак, по одморот, не чекаше долго за нов предизвик. Се врати на големата сцена како тренер на Баерн, а по три сезони во Минхен, следеше уште една долга и успешна етапа – повеќе од една деценија работа во Манчестер Сити.
Поради оваа причина, веќе некое време се поставува прашањето, кој ќе биде следниот чекор на шпанскиот стручњак – дали ќе преземе нов клуб, репрезентацијата или ќе избере повторно да се одмори. Неговите најнови изјави наговестуваат дека нова пауза е многу реална опција.
„Ментално, ништо не ми недостасува. Ја започнав тренерската работа на 37 години и целиот мој живот беше поврзан со фудбалот. Сега сакам да го откријам животот надвор од фудбалот, да бидам среќен правејќи работи што немаат никаква врска со овој спорт“, рече Гвардиола.
Искусниот тренер истакна дека сè уште ја сака својата работа, но чувствува дека е дојдено време да ги промени своите приоритети.
„Ја сакам својата работа, но доаѓа момент кога чувствуваш дека мора да престанеш. Можеби еден ден ќе се разбудам и ќе кажам: „Добро, сакам повторно да тренирам“. Но, таа желба мора да дојде од мене, а денес едноставно не ја чувствувам.“
Тој особено нагласи дека сака да поминува повеќе време со своите најблиски, по години исполнети со секојдневниот притисок на врвниот фудбал.
„Се обидувам да сфатам како ќе изгледа мојот живот во иднина. Решив да престанам бидејќи морам да се грижам за себе. Сакам да поминувам повеќе време со моите деца и со мојот татко, кој има 95 години и е сè уште со нас. Имам 56 години, веќе не сум млад и мојот поглед на животот се менува. Сè уште се навикнувам на оваа нова фаза, но засега сè оди многу добро“, рече Шпанецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
