Перишиќ го спаси Интер од пораз од Рома

Интер и Рома ремизираа 1-1 во дербито на колото во Калчо-лигата, исход од кој позадоволни се домаќините, кои со освоениот бод остануваат во удобната зона која значи пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

„Волчицата“ играше офанзивно и со желба за победа, а таквиот пристап вроди со плод во првото полувреме, кога Ел Шарави со прецизен удар од дваесетина метри го матираше Хандановиќ. „Нероаѕурите“ беа принудени да тргнат во офанзива во вторите 45 минути, а по влегувањето на Икарди на терен, Хрватот Перишиќ ја имаше улогата на спасител на Интер, постигнувајќи го голот за израмнување.

Рома има за што да жали ако се земе во предвид стопроцентната шанса на Коларов во 91. минута, кога Хандановиќ со крајни напори го одбрани ударот на левиот бек на „волчицата“.

Интер останува на третото место со 61 бода, пет повеќе од четвртопласираниот Милан, додека Рома заостанува еден бод зад „росонерите“ на петтата позиција на табелата.

Се вчитува...