Пешевски: Добар резултат во Злин, па пак ќе се запали „скопскиот вулкан“

Македонските ракометари ги одработуваат и последните подготовки пред дуелот со Чешка, на кој „црвено-жолтите“ во беспоштедна битка ќе се борат за билет за СП и продолжување на настапите на големите натпреварувања.

„Репрезентацијата на Чешка има нов селектор, со шпански тренер на клупата и нов систем на игра, за нив ова ќе биде втор заеднички собир пред дуелот со нас. Секако станува збор за квалитетна репрезентација што ја одликува цврста одбрана и квалитетна транзиција, се знае кој што и како игра, сите имаат свои задачи и точно знаат што играат. Ги анализираме и слободно можам да кажам дека детали ќе одлучуваат која од овие две селекции ќе се пласира на СП“, истакнува Жарко Пешевски, пивотот на Штутгарт и на нашиот национален тим.

Според Пешевски, важно ќе биде да се одигра цврста одбрана, а Пешевски не се сомнева дека публиката ќе биде значаен фактор на неделниот реванш во Скопје.

„Пред нас е тешка задача, првиот натпревар го играме во Злин. На гостински терен сите знаеме дека треба да си совршен за да дојдеш до позитивен резултат. Реваншот го играме во Скопје, се надевам дека тогаш вулканот повторно ќе еруптира како против Романија и ќе стигнеме до посакуваниот триумф во вкупниот резултат. Според мене, клучно ќе биде да се одигра на највисоко ниво во одбраната. Сигурно и нападот е значаен, но знаеме колку тврд ракомет игра Чешка и мислам дека оној кој подобро ќе ја склопи дефанзивната зона и ќе се адаптира на противникот, ќе стигне до мундијалски билет. Секако, оптимист сум дека тоа ќе бидеме ние“, вели македонскиот репрезентативен пивот.

Се вчитува...