Пешевски: Ќе покажеме дека вредиме и на овој Мундијал

Се бројат последните денови до заминувањето за Минхен (в среда наутро), а македонските ракометари делуваат подготвени за новиот мундијалски предизвик пред нив. Двете контролни средби со Србија беа добра можност селекторот Гонзалес да ги види на дело своите избраници, а еден од оние кои најпријатно изненадија беше Жарко Пешевски, пивотот што беше меѓу најдобрите стрелци и на двата меча.

„Фактот дека настапувам во Мотор и со овој тим играм против најдобрите тимови во Европа ми оди во полза, лично сметам дека напредував во секој поглед, а ега сум подготвен да дадам се од себе за да помогнам на репрезентацијата на најдобар можен начин. Среќен сум за тие добри изданија, но сепак стануваше збор само за пријателски натпревари, главното допрва следува“ – вели Пешевски.

Поранешниот капитен на Металург е оптимист дека Македонија ќе се покаже во вистинско светло и во групната фаза во Минхен.

„По десетина дена подготовки, напорни тренинзи и два контролни натпревари можам да кажам со сигурност дека ќе биде супер-тешко на секој натпревар во Минхен, но ние сме на добар пат, се движиме во вистинска насока. Иако сме подмладени и понеискусни во споредба со претходните шампионати, ќе се бориме и ќе докажеме дека вредиме. Респектираме секого, но не одиме со бело знаме. Ни остануваат уште неколку тренинзи, сигурно ќе бидеме максимално подготвени за Мундијалот. За крај, сакам да го честитам Божиќ на нашите верни навивачи, верувам дека Македонија ќе има поддршка и она ова првенство“ – истакнува Пешевски.

Се вчитува...