Пешевски: Нема предавање, сакаме победа, за нас и за овие фантастични навивачи

ЕКИПА во Дебрецин,

Стеван Цаневски

Македонските ракометари и покрај добрата игра не успеаја да приредат сензација и да стигнат до триумф над Словенија. Жарко Пешевски водеше огромна борба со словенечките „џинови“ на линијата од шест метри, а по мечот не го криеше разочарувањето од конечниот исход.

„Искрено сум разочаран, имаме за што да жалиме по овој натпревар, на кој покажавме квалитет, но помалото искуство се покажа решавачко. Одигравме квалитетно, на високо ниво, се боревме за секоја топка, но грешките што ги правевме во клучните моменти беа клучни за конечниот исход. Едно е сигурно, после овој пораз нема да се предадеме, напротив, видовме дека можеме да играме со квалитетни репрезентации. Сакаме да забележиме најмалку една победа, за нас и за овие верни навивачи кои ни дадоа огромна поддршка“, изјави Пешевски.

Нема многу време за жалење, бидејќи веќе утре (18 часот) нашите ракометари го играат вториот меч на ова ЕП, против селекцијата на Црна Гора.

„Црна Гора не е наивен противник, но наша желба е да стигнеме до триумф. Клучно ќе биде да го намалиме бројот на грешки и на загубени топки, ако одиграме како против Словенија, а ги намалиме тие грешки, верувам дека ќе се радуваме на победата“, оптимистички е расположен пивотот на македонската репрезентација.

Се вчитува...