Пешевски: Со мирна глава и добра подготовка да го изненадиме Фуксе Берлин

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер утре на домашен терен ќе го пречека големиот фаворит Фуксе Берлин во натпревар од 4. коло во новата сезона од Лигата на Европа.

Пикерот на битолчани, Жарко Пешевски пред мечот со големиот фаворит вели дека само со мирна глава и добра подготовка може да го изненадат Фуксе.

„По кратка пауза ни доаѓа еден екстремно силен тим од Бундеслигата. Фуксе Берлин оваа година е конкурент за освојување на шампионатот на Германија и конкурент за трофејот од Европската лига. Се подготвуваме максимално, ваков натпревар се игра пред полни трибини и тоа е мотив плус за нас. Имаме проблеми со повредени ракометари, но во вторник ќе се консолидираме и ќе го дадеме најдоброто од себе.

Фуксе Берлин е склоп на ѕвезди, германски репрезентативци и интернационалци. Мислам дека се конкуренти за сите титули, играат брз ракомет, имаат одлична одбрана, потпомогнати со добри голмани. Тука е Милосављев, кој мислам дека две години е најдобар голман во Бундеслигата. Тие се сериозна екипа и треба и ние да сме подготвени, да имаме среќен ден и поддршка од публиката. Така може да ја израдуваме битолската публика и да направиме чекор напред во групата.

Секој натпревар е ново докажување, нова шанса за одличен натпревар. Имаат густ распоред, играат секој втор ден, патуваат… Во Битола нема натпревар без притисок, така ќе биде и во вторник, но со мирна глава и добра подготовка имаме наша шанса“, изјави Пешевски. 

Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за утре со почеток во 18.45 часот.

Се вчитува...