Пешевски: За Чешка утре е последна шанса, наш голем мотив се фановите

Македонскиот ракометен тим ја архивираше победата над Украина (26-25) остварена со шутот на капитенот Кире Лазаров во последните секунди и се фокусира на утрешниот предизвик, селекцијата на Чешка. Ривалот го загуби премиерниот меч против Австрија и јасно е дека против Македонија ќе оди на се или ништо. Го потенцира тоа и пивотменот Жарко Пешевски.

„Чешка ни е многу познат противник, тие утре ќе одат на се или ништо, за нив е тоа последна шанса, откако претходно загубија од Австрија. Ќе биде тоа сосема поинаков натпревар, а ние мораме да влеземе максимално концентрирани. Наш голем мотив ни се фановите, ни даваат огромна поддршка, како да играме во „Борис Трајковски“. Верувам дека на крајот ќе се радуваме, а ќе одлучува играта во одбрана. Чесите се многу пожестоки, играат грубо во одбраната и мора да бидеме подготвени за таква борба“, изјави Жарко Пешевски.

Мартин Велковски е поддршка за капитенот Кире Лазаров на десната бековска позиција. Верува дека Македонија може да го искористи „зортот“ на Чешка.

„Чесите сега мораат да победат по поразот од Австрија, во спротивно ќе си одат дома. Ние тоа можеме да го искористиме во наша полза. Добро се познаваме со ракометарите на Чешка, сме играле неколку натпревари, ќе треба во нападот да преземеме многу поголема одговорност“, изјави Велковски.

Се вчитува...