Пет работи кои ја одбележаа најчудната сезона во Премиер-лигата

Со вчерашното последно коло беше спуштена завесата во премиерлигашката сезона која донесе бројни возбудувања. Ливерпул по 30 години пауза дочека да се врати на тронот на фудбалска Англија, Јунајтед во последното коло си осигура пласман во ЛШ, Жозе Мурињо едвај стигна до место во Лигата на Европа со Тотенхем, а Арсенал во новата сезона нема да биде дел од ниту едно европско натпреварување.

Ова се петте работи кои оставија силен печат во изминатите 12 месеци во елитното англиско фудбалско друштво…

Клоп докажа дека не е се во парите

Ливерпул ланската сезона ја освои Лигата на Шампионите, загуби во трката за титулата од Манчестер Сити, а „црвените“ потоа изненадија со одлуката да не купат ниту едно засилување за 2019/20. Многумина го оценија ова како предвремена капитулација, но Клоп ја потврди својата фудбалска генијалност, предводејќи го Ливерпул до најдобрата клупска сезона во премиерлигашката историја.

Освоените 99 бода се втор најдобар скор на сите времиња (само Манчестер Сити еднаш стигна до 100 бода), а германскиот стратег неодамна изјави дека неговиот тим може да игра уште подобро. Кога е Клоп во прашање, треба да му се верува, бидејќи оние кои се сомневаа и го критикуваа за трансфер-политиката минатото лето увидоа дека „црвените“ многу добро ја кројат клупската политика.

Генијалноста на Френк Лампард

Дебитантската сезона на Френк Лампард во Премиер-лигата беше апсолутен успех. Челси беше казнет со забрана за трансфери, згора на тоа си замина и најдобриот фудбалер Еден Азар, но Лампард се сврти кон „децата“ од младинскиот погон, во текот на сезоната давајќи им шанса на осум млади играчи кои ја оправдаа неговата доверба.

Резултатот на крајот беше фантастичен – обезбедено трето место во Премиер-лигата и влез во ЛШ за следната сезона. Забраната за трансфери заврши, веќе се договорени Тимо Вернер и Хаким Зијеш, во завршна фаза се преговорите за Каи Хаверц, а со дополнително засилување на одбраната нема сомнеж дека Лампард и Челси ќе се обидат да им ги замрсат сметките на Манчестер Сити и на Ливерпул во трката за титулата.

Трансфер на сезоната – Бруно Фернандеш

Неколку врвни фудбалери ги оправдаа очекувањата по мултимилионските премиерлигашки трансфери, но Бруно Фернандеш дефинитивно е играчот кој направи најголема разлика по промената на клупските бои. Манчестер Јунајтед долго беше во потрага по врвен плејмејкер, но Португалецот се покажа како „џек-пот“ за Оле Гунар Солскјер, лесно се запишува меѓу стрелците, ги разигра и Марсијал и Рашфорд, а крај него дури и Погба повторно заличи на врвен играч за врска.

Екс-капитенот на Спортинг Лисабон без конкуренција е најзаслужен што „црвените ѓаволи“ обезбедија учество во Лигата на Шампионите.

Одбраната е главен проблем на Пеп Гвардиола

Манчестер Сити по двегодишната доминација беше симнат од тронот на Премиер-лигата, избраниците на Пеп Гвардиола постигнаа 102 гола, но се соочија со неочекувани проблеми во одбраната. Примените 35 погодоци се доказ за неконстантноста во дефанзивата, каде Гвардиола изротира многу фудбалери, шанса му даваше и на Фернандињо, но не успеа да ја најде „формулата за успех“.

Само за споредба, Сити ланската сезона прими само 23 гола (дури 12 помалку од сезонава), а во историската сезона во која стигнаа до 100 освоени бода „граѓаните“ примија 27 погодоци. На Пеп му е јасно, ќе мора повторно да инвестира во дефанзивната линија, каде „шкрипи“ и на бековските позиции, но и во срцето на одбраната каде единствено Лапорт игра на висина на задачата.

Нови бисери на Премиер-лигата: Гринвуд, Маунт, Сака…

Младите фудбалери како ретко кога досега добија шанса и во англиските гиганти, а голем дел од нив максимално ја оправдаа довербата. Мејсон Гринвуд се наметна како кошмар за противничките дефанзивци и идеален партнер во нападот за Маркус Рашфорд, во Челси блеснаа Маунт и Џејмс, Арсенал и во иднина сериозно ќе смета на Мартинели и на Сака, Клоп сигурно ќе му даде поголема минутажа на Куртис Џонс, додека Гвардиола како опција во одбраната ќе смета и на младиот Ерик Гарсија, 19-годишниот дефанзивец кој сезонава собра 13 настапи во дресот на „граѓанте“.

Се вчитува...