Петар Наумоски, фаворит за прв човек на МЗТ Скопје

Промените на власта на политичката сцена во голем дел од општините ќе донесат и промени во раководните структури на кошаркарските прволигаши кои добиваат значајна помош од општинските буџети. Прв на листата се наоѓа шампионот МЗТ Скопје, кој во најскоро време ќе добие ново раководство, на чело со поранешниот претседател на МКФ, Петар Наумоски.

Наумоски е без ангажман во кошарката откако беше сменет од претседателската функција во федерацијата, но сега е подготвен за нов камбек на домашната сцена, овојпат како прв човек на „сино-белите“ од Аеродром. Разговорите за негов ангажман во МЗТ Скопје се одвиваат веќе извесно време, а според информациите на ЕКИПА, тој на наредната седница на Советот на општина Аеродром и официјално ќе биде именуван во нов предводник на проектот на МЗТ.

„Сино-белите“ својата доминација на домашната кошаркарска сцена ја продолжија и во изминатиот период, во кој прв човек на клубот беше Тони Грнчаров, кој своевремено како играч беше капитен на екипата што ја донесе првата шампионска титула во Аеродром. Со менувањето на локалната власт Грнчаров ќе биде сменет, а Наумоски треба да биде задолжен за клучните одлуки околу функционирањето на клубот, кој има две екипи во елитниот ранг на натпреварување.

Промените во раководните структури би требало да бидат официјализирани најдоцна до крајот на овој месец, по што дополнително ќе биде донесена одлука околу евентуалните промени на тренерски и играчки план во таборот на аеродромци.

Се вчитува...