„Петардата“ на ПСЖ погласна од свирежите кон Меси

ПСЖ направи уште еден чекор кон титулата во француското првенство, славејќи со убедливи 5-0 над Ажаксио. Мечот го одбележаа свирежите што ги добиваше Лео Меси при секој допир со топката, кои беа исклучително гласни на почетокот од мечот, но стивнуваа како што „светците“ ја полнеа мрежата на гостинсскиот тим. ПСЖ со овој триумф има шест бода предност на три кола до крајот и се наоѓа многу блиску до одбрана на шампионскиот трофеј освоен минатата сезона.

Гостите само дваесетина минути успеваа да одолеат на нападите на фаворитот, пред Фабијан Руиз да стрела прв за водство од 1-0. Вториот погодок беше дело на Ашраф Хакими, кој натрча на една одбиена топка по ударот на Мбапе и ја смести во мрежата. Мбапе влезе во ритам во вториот дел, постигнувајќи голови во 47. и во 54. минута, пред Јусуф со автогол во 73. минута да ги постави конечните 5-0.

За одбележување е дека и двата тима го завршија мечот со по десет фудбалери откако во 77. минута поради меѓусебен конфликт црвени картони им беа покажани на Хакими од ПСЖ и на Мангани од Ажаксио.

За Ажаксио вечерашниот пораз значеше и губење на сите шанси за опстанок во елитата, па тимот од Корзика во следната сезона ќе биде дел од втората француска лига.

Се вчитува...