Петков: Ја респектираме Естонија, но се ќе зависи од нашата игра

Марин Петков денеска го прослави 21. роденден, а плејмејкерот на МЗТ Скопје ќе биде најмладиот во таборот на македонскиот национален тим за стартот на квалификациите за Евробаскет 2025 и дуелите со Естонија и со Полска.

Поранешниот кадетски и младински репрезентативец изрази благодарност за укажаната доверба од стручниот штаб на чело со селекторот Јончевски.

„Најпрвин сум благодарен што бев избран меѓу 14-те кошаркари кои ќе ја претставуваат Македонија на почетокот од овие квалификации. Пресреќен сум што сум тука, подготвен да го дадам најдоброто од себе. Дебито за сениорската репрезентација е голема работа, досега не сум имал проблем со трема пред натпревари, верувам дека така ќе биде и пред овој дуел со Естонија“, изјави Петков.

Тој имаше пофални зборови за првиот ривал, селекцијата на Естонија, но истовремено и порача дека најважно ќе биде Македонија да се претстави во вистинско светло, бидејќи тоа може да ни ја донесе победата на стартот од овие квалификации.

„Знаеме дека Естонците имаат квалитетна лига и навистина добри кошаркари, дел од нив настапуваат и во Евролигата. Имаме респект кон противникот, но го очекуваме најдоброто од нас самите. Ако го покажеме она што го знаеме, верувам дека ќе имаме поволен резултат. Поддршката од трибините секогаш е многу важна за нас, го видовме тоа и на младинското ЕП минатото лето каде навивачите ни помогнаа да ја оствариме зацртаната цел. Се надеваме дека повторно фановите ќе имаат голема заслуга за нови добри резултати на нашата репрезентација, овојпат онаа сениорската“, порача Марин Петков.

Се вчитува...