Петнаесет години по Кометал ЃП: Ќе добие ли Македонија уште еден европски шампион?

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски

Без некој ден точно 15 години поминаа од онаа историско финале во 2002 година кога Кометал Ѓорче Петров ја освои првата и за Македонија се уште единствена титула во Лигата на шампионите. Будимпешта тогаш беше среќна за кометалки. Во финалето играа со унгарскиот Ференцварош. На првиот меч во Будимпешта, Кометал ЃП тогаш загуби со 27-25, но за финале во оној стар формат на ЛШ, тоа беше активен резултат. Се вратија кометалки тогаш задоволни од Будимпешта и на реваншот во Скопје славеа против ФТЦ со 26-22. А, потоа заедно со нив славеше цела Македонија.

Сега Вардар е на тој шампионски пат. Петнаесет години по титулата на Кометал ЃП, вардарки се во Будимпешта и се надеваат дека по три полуфиналиња по ред, годинава конечно ќе стигнат до големото финале и до долгопосакуваната титула во Лигата на шампионите.

Дали историјата може да се повтори и на јубилејните 15 години Македонија повторно да слави нова титула во Лигата на шампионите?

Може. Сега се зависи од Вардар, од денешното реприза-полуфинале со ЧСМ Букурешт и од она што ќе се случува утре на финалниот ден од Ф4 турнирот во Будимпешта.

А, ако се биде како што посакуваат вардарки и цела ракометна Македонија, тогаш сигурно најсреќна ќе биде Гордана Нацева. Поранешната голманка и капитенка на Кометал ЃП, одново се бори за титула во ЛШ во градот на Дунав, но сега во улога на претседателка на Вардар. И, доколку Вардар ја оствари целта и конечно стигне на европскиот подиум, Гордана Нацева ќе биде единствената што во својата колекција ќе ги има и двете шампионски титули.

Остварување на уште еден сон, петнаесет години потоа…

Се вчитува...