Петровиќ: Бевме подобри во обраната отколку во нападот, изгубените топки скапо не чинеа

МЗТ Скопје се соочи со голем предизвик во првиот натпревар од АБА лигата. На гостувањето во Белград против актуелниот шампион Црвена Звезда аеродромци одиграа лошо прво и добро второ полувреме па на крајот забележаа убедлив пораз.

Тренерот Александар Петровиќ вели дека МЗТ Скопје одигра подобро во одбраната отколку во нападот, а клучни за поразот се деветте изгубени топки во првото полувреме.

„Честитки до Црвена Звезда за победата. Ние игравме колку што можевме против евролигашка екипа. Во одбраната бевме подобри во напад. Нападот затајуваше, имавме некои пропусти, но задоволен сум од односот и однесувањето на играчите. Пред се го исконтролиравме скокот, имавме доста изгубени топки кои Звезда како искусен тим ги искористи и тука го гледам поразот“, изјави Петровиќ.

МЗТ Скопје на овој натпревар настапи без повредените Максвел и Мекиќ, а интересно искусниот стратег очекува еден од нив да биде во комбинација за настап на следниот дуел против Партизан.

„Играме без два играчи. Максвел и Мекиќ се повредени, но очекувам еден од нив да биде во составот за дуелот со Партизан“, додава предводникот на „штрковите“.

Мечот против белградските „црно-бели“ е закажан за следниот понеделник (10.10), а пред тоа голема е веројатноста „сино-белите“ да одиграат натпревар против ТФТ во 1. коло од домашното првенство.

Се вчитува...