Петровиќ: Едвај чекаме да почне турнирот, ова е голема шанса за нас која мораме да ја искористиме

МЗТ Скопје и СЦ „Јане Сандански“ од утре па до недела ќе бидат домаќини на завршицата на АБА2 лигата во која покрај „сино-белите“ за место во „елитата“ на регионалната кошарка ќе се борат и Борац Бања Лука, Хелиос, Широки, Младост Земун, Златибор, Сутјеска и Спарс.

Во четвртиот обид за враќање во првиот ранг на АБА лигата кој почнува против Сутјеска од 18 часот аеродромци ќе има имаат поддршка од својот „шестти играч“, навивачите, нешто што е голема предност за македонскиот претставник.

„Нормално е дека има позитивен притисок. Пред се најбитно е дека сите сме здрави и мислам дека формата оди во нагорна линија и сите едвај чекаме да почне турнирот. Ова е голема шанса за нас како клуб која мораме да ја искористиме и ќе дадеме се од себе да го вратиме МЗТ Скопје во првата АБА“, изјави за ЕКИПА, предводникот на МЗТ Скопје, Александар Петровиќ, кој потоа додаде:

„Горе, доле сите екипи се изедначени во квалитет и ние ќе треба да го искористиме домашниот терен и нашиот индивидуален квалитет пред се. Да го претвориме истиот во колектив и тука ја гледам нашата предност. Мислам дека имаме поголема клупа во ротација и доколку добро затвoраме во одбрана, го контролираме скокот и ги пречиме лесните поени ќе си ја олесниме задачата“

МЗТ Скопје важи за фаворит за освојување на трофејот, но аеродромци одат чекор по чекор. Засега сите погледи се насочени кон првиот предизвик, а потоа ќе се мисли на другите.

„Размислуваме од натпревар во натпревар. Најважна е Сутјеска и концентрирани сме само на тој натпревар. Прво да ги поминеме нив потоа ќе мислиме на другите“, завршнува искусниот стратег.

Се вчитува...