Петровиќ: ФМП оваа сезона прави чуда, но и покрај проблемите не одиме во Железник со бело знаме

По малата репрезентативна пауза утре продолжуваат обврските за МЗТ Скопје во АБА лигата. Овој пат аеродромци пред себе го имаат незгодниот и расположен тим на ФМП кој во досегашниот дел од сезоната забележа пет победи и само еден пораз во регионалното првенство.

Тренерот на МЗТ Скопје, Александар Петровиќ пред дуелот во Железник имаше пофални зборови за противникот, но нагласи дека македонскиот шампион нема да излезе со бело знаме, напротив ќе даде се од себе за позитивен исход.

„Досегашните резултати на ФМП доволно говорат за тоа против каква екипа ќе играме. Второто место во вака силна конкуренција со само еден пораз од шест меча е потврда за квалитетот на нашиот следен ривал, што секако нема да биде причина однапред да се предадеме. Играат исклучително агресивно, често ја менуваат одбраната и навистина ќе ни биде тешко да се прилагодиме. Згора на тоа, изминатиот период не трениравме комплетни бидејќи половина од првотимците имаа репрезентативни обврски. Ова не е алиби, туку реалност, што нема да не спречи да дадеме се од себе и да пробаме да изненадиме во Железник“, вели Петровиќ.

Се вчитува...