Петровиќ горд: Одигравме со срце и го урнавме Работнички

Кошаркарите на Куманово одиграа одличен натпревар против Работнички, па во неизвесен финиш успеа да му го нанесе првиот пораз на лидерот на табелата.

Мораме да бидеме горди бидејќи одигравме квалитетен натпревар, го оставивме срцето на терен и го совладавме големиот фаворит. Имавме негатива од 16 поени, но потоа заигравме поагресивно на топка, ја стегнавме одбраната под рекетот и тоа донесе резултат. Не беше лесно, против себе имавме одлична екипа, но покажавме и квалитет и карактер“ – изјави тренерот Александар Петровиќ.

Овој триумф ја зацврстува екипата на Куманово на четвртото место, но Петровиќ е свесен дека „сино-белите“ не смеат да се опуштат во завршните натпревари од Супер-лигата.

„Самодовербата е на највисоко ниво, но никако не смееме да се опуштиме. Имаме две победи предност во однос на Гостивар и ќе сториме се за да се задржиме на четвртото место и да се пласираме во полуфиналето. Како и да е, имаме седум кола до крајот, да не заборавиме дека гостиварци неодамна го добија МЗТ како што ние славевме со Работнички, така што ништо не е готово, мораме да играме максимално фокусирано до крајот“ – истакнува Петровиќ.

Се вчитува...