МЗТ Скопје го претрпе и третиот пораз на стартот од сезоната во АБА-лигата, откако „металците“ загубија двоцифрено и на гостувањето во Подгорица против Будуќност.
Тренерот Александар Петровиќ по претходните две средби беше фокусиран на добрите аспекти во играта на МЗТ Скопје, но синоќа тој немаше премногу пофални зборови за своите избраници.
„Честитки до Будуќност за одличната партија и заслужената победа. Не сум задоволен од она како изгледаше екипата на МЗТ Скопје, особено во нападот при нечитањето на ситуациите на нашите бекови. Имавме премногу загубени топки, само што се приближивме на пет-шест поени разлика, веднаш почнавме да правиме почетнички грешки, промашивме отворени шутеви. Имавме лоша реализација на обидите за тројка и на слободните фрлања, па со оглед на сите овие проблеми, мислам дека заслуживме да загубиме вака убедливо“, изјави Петровиќ.
МЗТ Скопје во четвртото коло наредниот викенд ќе го пречека Студентски Центар, меч на кој за разлика од првите три кола „металците“ ќе ја немаат улогата на апсолутни аутсајдери, туку ќе мора да стигнат до триумф со кој би ја кренале атмосферата во својот табор по убедливите пораз во досегашниот дел од АБА-сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА