Петровиќ: МЗТ ја победи Мега со колективна тимска игра, тоа најмногу ме радува

МЗТ Скопје ја забележа и втората победа сезонава во АБА-лигата, триумфирајќи на дуелот против Мега со 94-82 за враќање на самодовербата во таборот на македонскиот шампион.

Брзината и ефикасниот напад се главна одлика на Мега и оваа сезона, но МЗТ токму со таков стил на игра успеа да го совлада српскиот претставник во регионалното натпреварување, нешто од што тренерот Александар Петровиќ е задоволен.

„Секако дека сум среќен порад триумфот, а најмногу ме радува што ја победивме Мега со тимска игра. Можеби ни создаваа проблеми со офанзивниот скок во првото полувреме, но потоа во вториот дел заигравме посконцентрирано во овој аспект од играта, знаевме како да го затвориме рекетот и со тоа завршивме голем дел од работата на патот до победата. Сите кошаркари одиграа на високо ниво и им честитам на триумфот“, изјави Петровиќ за ЕКИПА.

Пред „сино-белите“ се серија значајни натпревари, најпрвин тешко гостување против Игокеа, а потоа домашен меч со Борац Чачак, директен ривал во борбата за опстанок.

„Имаме серија тешки дуели, треба да гостуваме на Игокеа, Задар и на Цибона, а играме дома со Борац и со Сплит, до крајот на првиот круг од натпреварувањето. Затоа и велам дека нема простор за еуфорија, бидејќи пред нас се тешки битки на кои ќе се обидеме да оствариме што повеќе победи. Одиме натпревар по натпревар, но верувам во оваа група на играчи, дека ќе играме се подобро како што ќе одминува времето“, прокоментира стратегот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...