МЗТ Скопје потфрли во последниот натпревар од регуларниот дел од АБА2 откако загуби од Златибор со 88-84. Избраниците на Александар Петровиќ одиграа катастрофална прва четвртина во која шест минути не успеаја да постигнат кош, па и покрај тоа што на минута до крајот на мечот стигнаа до изедначување, немаа сили за целосен пресврт.
По натпреварот предводникот на МЗТ Скопје не го криеше незадоволството од поразот кој е резултат на лошата игра во првите десет минути, но додаде дека таборот е задоволен од првите два меча.
„Натпреварот го загубивме во првата четвртина, и дозвливме на екипата на Златибор да се го намести нишанот во шутот за тројка и тука ги гледам причините за поразот. Во второто полувреме се разигравме, бевме без двајца важни играчи, Војдан Стојановски и Бојан Крстевски, но тоа не е алиби. Имавме шанса на крајот, но не ги искористивме, направивме лична грешка во напад, потоа и неспортска, а сметам дека и фаулот над Протиќ беше непотребен бидејќи можевме да браниме. Како и да е, моите кошаркари се задоволни од првите два меча, веќе беа со главите дома, го освоивме посакуваното прво место и среќно сме што го чекаме плеј-офот од таа позиција“, изјави Петровиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА