Александар Петровиќ е подготвен за предизвикот што го носи улогата на предводник на МЗТ Скопје, во борбата за одбрана на шампионската титула, но и влез во елитното друштво на АБА-лигата. Искусниот стратег го наследи Дарко Радуловиќ на „жешкото столче“ во МЗТ Скопје, што за Петровиќ воедно претставува и враќање во Аеродром по десет години.
Од 2011 година до сега работите во „Јане Сандански“ се драстично подобрени, „сино-белите“ повеќе не се борат за опстанок, туку се на врвот на македонската кошарка со долгогодишен настап во „јадранските“ натпреварувања.
„Различен е клубот пред се организациски каде е најмалку ниво од тоа што беше порано, различен е и во натпреварувањето, сега се игра АБА лига. Во однос на очекувањата, тука се најдобрите играчи, имаме пет репрезентативци и добри странци и очекувањата се да се одбрани титулата и ако има можност да се влезе во првата АБА лига. Јас доаѓам на сред сезона во екипа која ја немам селектирано, меѓутоа тоа е што е. Не очекува тежок период до крајот и мораме сите заедно да работиме напорно“, го започна разговорот за ЕКИПА новиот тренер на МЗТ Скопје.
Од Аеродром замина најдобриот играч, Дастин Вер, а неговото отсуство беше пресудно за Радуловиќ. Сепак и покрај проблемите Петровиќ не размислува за промени, туку ќе се обиде да го извлече максимумот од играчите кои ги има, нешто за што е добро познат во мак-баскетот.
„Немаме простор за менување на играчи. Во АБА лигата е затворен прозорецот и остануваме на ростерот кој го имаме и ќе се обидам да го извадам максимумот од играчите кои ги имаме сега на располагање. Прво треба и да видам на кое ниво се играчите па ќе имам и подетална слика. Во првот натпревар не очекува дерби со Работички во кое без разлика во кој тим е противникот ќе мораме да одговориме на предизвикот“
Како тренер кој го вади најдоброто од младите очекувањата се тимот да забележи подмладување, a покрај играчите од МЗТ Скопје 2 шанса ќе добијат и други перспективни играчи вели новиот тренер на МЗТ.
„Не само од МЗТ 2. Во МЗТ треба да играат најдобрите млади играчи од Македонија, кои и се на прагот на репрезентацијата. Јасно е дека нема да се откажеме од искусните играчи, но мораме да донесеме „нова крв“ и свежина. Во моментот гледам да ја завршам оваа сезона како што треба, а промените ќе ги правиме во иднина“
До крајот на сезоната МЗТ Скопје го очекува битка на два фронта – домашното првенство каде аеродромци се бранители на трофејот и АБА2 каде се наоѓаат на втората позиција на табелата пред завршницата.
„Тешки се двете работи. Во македонското првенство тука е Пелситер кој сеуште нема пораз, има и други клубови кои атакуваат на висок пласман, но мораме и ние да ги искористиме шансите и ресурсите кои ги имаме во клубот. МЗТ е најдобриот тим во Македонија и сигурно го обврзува највисок пласман. Немаме волшебно стапче, но ќе гледаме да работиме на терен и да направиме резултат“, завршува Петровиќ.
По вечното дерби со Работнички, МЗТ Скопје го очекуваат и дуели со Ангели и Гостивар на домашно тло пред заминувањето на последниот балон на АБА2 каде „сино-белите“ силите ќе си ги одмерат со Широки, Борац Бања Лука и Златибор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА