Петровиќ: Од мечот со Мега ни зависи сезоната…, го знаеме рецептот за победа, но ни требаат навивачите

МЗТ Скопје утре од 21 часот во СЦ „Јане Сандански“ ја пречекува Мега со цел да стигне до втората победа во сезоната, втора против главен конкурент во битката за опстанок. Аеродомци кои во меѓусебните натпревари против српскиот клуб одиграни во Скопје имаат позитивен учинок немаат право на грешка.

Тоа добро го знае и тренерот Александар Петровиќ кој вели дека ова е важен натпревар од кој зависи продолжението од сезоната па затоа и ги повика навивачите да бидат шесттиот играч.

„Пред нас е исклучително важен натпревар од кој многу ни зависи за продолжението од сезоната. Играме против најмладиот тим во лигата чие најсилно оружје е трчањето, енергијата и скокот. Ќе го потенцирам Драган Милосављевиќ кој со своето искуство ги врза конците во тимот на Мега. Добро го знаеме противникот, кои се нивните добри, но и полоши страни кои ќе се обидеме да ги искористиме. Рецептот е да одговориме со добра енергија и квалитетен скок и ако го сториме тоа ќе може да дојдеме до посакуваната победа. Секако, за ова ќе ни биде потребна и поддршка од трибините, поради што ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број за повторно да бидат наш шестти играч“, вели Петровиќ.

На овој натпревар во „сино-белиот“ дрес ќе дебитира новиот кошаркар Александар Бурсаќ, но македонскиот шампион нема да може да смета на Андреј Магдевски кој неодамна го напушти клубот.

Се вчитува...