Петровиќ останува тренер на Куманово, тимот ќе биде подмладен

Куманово го „преспа“ првиот месец од летово, па поранешниот вицешампион нешто подоцна од останатите почнува со екипирање на составот за наредната сезона. Тренерското прашање е решено, Александар Петровиќ ќе остане на клупата за да ги води кумановци и во наредната сезона, откако овој стручњак оствари низа одлични резултати во текот на минатиот шампионат, обезбедувајќи и пласман во полуфиналето од плејофот.

Што се однесува до играчкиот кадар, тука сигурно ќе дојде до значителни промени со оглед на заминувањата на дел од клучните играчи. Караџовски се пресели во Работнички уште во текот на минатата сезона, по неговите стапки летово тргнаа Стајиќ и Јанески, а проблемите на кумановци уште повеќе се зголемија со заминувањата на Штерјов и Караколев, кои кариерата ја продолжуваат во Кожув.

„За жал дел од кошаркарите си заминаа, но ние сме подготвени за напорна работа и создавање на нови играчи. Тимот ќе биде променет, акцент ќе ставиме на работата со помладите кошаркари“ – истакна Петровиќ.

Поранешниот стратег на МЗТ Скопје во текот на летото беше дел од кампот „Тео 4“, во организација на славниот српски кошаркар Милош Теодосиќ. На кампот учествуваа и деца од Македонија, кои имаа можност да ги унапредат своите кошакарски знаења, како и лично да се сретнат со Теодосиќ и со бројни ѕвезди на српската кошаркарска репрезентација.

Се вчитува...