Петровиќ: Победите на ФМП не се случајни, напорната работа дава резултат

Академија ФМП влегува во победнички ритам, откако прволигашот од Кисела Вода убедливо славеше над вицешампионот Еуро Никел за трет триумф во низа, втор на домашната кошаркарска сцена.

Гостите од Кавадарци немаа одговор за фанатичната одбрана на ФМП, па домашните кошаркари уште во првата четвртина стигнаа до убедлива предност од 27-12, што знаеја како да ја задржат до самиот крај.

„Задоволни сме што влеговме во победнички ритам, овие триумфи не се случајни, напорната работа на тренинзите дефинитивно дава резултат. Не ја почнавме сезоната како што посакувавме, но не престанавме да тренираме со полна пареа, знаејќи дека ќе влеземе во посакуваниот ритам. Моите кошаркари покажаа значителна енергија, а од голема помош ни е и новото засилување Ајви. Што се однесува до мечот со Еуро Никел, главна цел ни беше да ги запреме нивните клучни играчи, со цврста одбрана да ги принудиме на грешки и на наши лесни поени на спротивната страна. Планот беше спроведен на дело, кошаркарите на теренот го покажаа сето она што го трениравме во изминатите денови и заслужено триумфиравме“, изјави тренерот Александар Петровиќ.

Се вчитува...