Петровиќ: Ние сме МЗТ Скопје, наша цел е секогаш да одиме на победа

МЗТ Скопје вечерва (21 часот) ќе го почне својот настап на четвртиот и последен балон од лигашкиот дел на АБА2, во кој македонскиот првак за ривал ќе го има домаќинот на турнирот, тимот на Широки Бријег. „Металците“ веќе го имаат обезбедено пласманот на завршниот турнир што ќе се одржи на средината од месец април во Скопје, а преостанатите три средби (со Широки Бријег, Златибор и со лидерот Борац Бања Лука) ќе значат борба за што подобар пласман пред битките за влез во АБА1 што „сино-белите“ ги очекуваат во нивната сала „Јане Сандански“.

Александар Петровиќ ќе го има своето деби како тренер на МЗТ во АБА2-лигата откако искусниот стручњак имаше победнички старт на тренерската авантура кај аеродромци во домашното првенство.

„Она вистинското ќе следи во Аеродром, кога ќе се водат клучните битки за АБА1, но наша цел е што подобро да се претставиме и на овој турнир во Широки Бријег. Долго патувавме, но заморот нема да биде изговор, ние сме МЗТ Скопје и наша обврска е секогаш да одиме на победа. Широки Бријег е квалитетен состав што игра интелигентна кошарка, цврсто во дуелите и ќе мора да бидеме на висина на задачата ако сакаме да славиме. Многу важно ќе биде да се исконтролира скокот и да не се дозволи во ритам да влезе Божиќ, кој е најдобар играч на противникот. Овие три натпревари ќе бидат добра можност да увидиме до каде сме со формата и да влеземе максимално подготвени на завршниот турнир во Скопје“, изјави Петровиќ за ЕКИПА.

Се вчитува...