Петровиќ: Пресуди нашата лоша скок-игра, противникот покажа поголема желба за триумф

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го запишаа и петтиот пораз во АБА-лигата, овој пат на домашен терен од црногорскиот Морнар со 77-94.

Тренерот на „металците“, Александар Петровиќ на прес-конференцијата по мечот нагласи дека поразот е резултат на катастрофалната скок-игра, но и лошите неколку минути во третиот период кога комплетно се „скрши“ натпреварот.

„Честитки до Морнар за победата. Поразот за нас следеше како резултат на лошата скок игра. Противниците имаа дури 12 офанзивни скока од кои потоа реализираа отворени шутеви. Многу грешки направивме во третиот период во кој се кршеше резултатот, и тие успеаја да го искористат тоа за предност. Во секој случај мислам дека мечот го загубивме поради лошата скок-игра“ – истакна Петровиќ, притоа дополнувајќи:

„Штета на некој начин затоа што добро го почнавме мечот и одигравме квалитетно прво полувреме. Потоа следеше пад на енергија и противник кој повеќе ја посекуваше победата. Секако дека за нас ова е тешка лига, посебно во ситуација кога имавме и кадровски проблеми, но сигурен сум дека максимално ќе се бориме за подобри резултати во продолжението од сезоната“.

Следи пауза поради репрезентативните активности, за да во седмото коло МЗТ Скопје гостува на ФМП во АБА-лигата.

Се вчитува...