Петровиќ: Тежок пораз…, штета е да се губи натпревар на ваков начин!

Кошаркарите на МЗТ Скопје не успеаја да дојдат до посакуваната победа над Сплит во „дербито на дното“ во АБА лигата со што значително си го отежнаа патот во битката за опстанок во регионалното натпреварување.

Тренерот на „аеродромци“, Александар Петровиќ, сосема очекувано на крајот е незадоволен од резултатот. Поразот дојде во самиот финиш и покрај тоа што МЗТ имаше контрола на резултатот во поголемиот дел од мечот.

„Честитки до екипата на Сплит која на крај заслужено не победи. Игравме според договореното се до последната четвртина во која апсолутно не бевме активни во нападот. Премногу ја држевме топката, немавме контрола на офанзивните акции и сето тоа ни се одрази. Две грешки во одбраната доведоа до две тројки и тоа беше веќе крај. Ова е навистина тежок пораз иако има уште многу да се игра во лигата. Штета е на ваков начин да се губи натпревар во кој имаш контрола. Сметам дека имавме големи шанси да победиме, ама тоа не се случи“ – истакна Петровиќ.

МЗТ Скопје до крајот на годината во АБА лига го очекува уште еден натпревар, против Цибона во Загреб на 30. декември.

Се вчитува...