Петровиќ: Триумфот во Широки не залажува никого, ова е полуфинале и ќе биде потешко…

МЗТ Скопје вечерва во 21 часот ќе се сретне со Широки Бријег, во обид да обезбеди финале од АБА2 лигата и да направи уште еден огромен чекор напред кон враќање во елитното друштво од регионалното натпреврување.

Домашниот терен е значаен адут на „металците“, но тренерот Александар Петровиќ предупредува дека пред неговиот тим е исклучително сериозна задача. МЗТ Скопје пред еден месец на гостински терен лесно го совлада Широки со 78-91, но Петровиќ е дециден дека не смее да дојде до никакво опуштање во таборот на „металците“.

„Она што го одигравме на тој меч во Широки Бријег беше нашиот најдобар натпревар откако јас сум тренер на МЗТ. Бевме речиси перфектни, но тоа не значи ништо ниту пак тој триумф треба да залаже никого дека ќе ни биде лесно вечерва. Ова е полуфинале, притисокот е голем бидејќи се нема право на грешка и ќе мораме да одиграме максимално ако сакаме да се пласираме во големото финале. Во однос на четвртфиналето со Сутјеска, дефинитивно ќе мораме да играме многу побрзо во нападот, да наоѓаме решение за одбраната на противникот. Исто така, ќе треба да се контролира рекетот и скок-играта во текот на сите 40 минути бидејќи на последниот меч имавме пад на концентрацијата во овој аспект од играта во четвртата четвртина“, истакнува Петровиќ во пресрет на денешното полуфинале.

Се вчитува...