Петровиќ: Целта е остварена, влеговме во АБА 1

МЗТ Скопје не успеа да ја круниса успешната сезона во АБА2 првенството со трофеј откако во големото финале загуби по продолжение од Златибор со 73-78.

Аеродромци кои имаа негатива од 21 поен во првото полувреме на крилја на домашната публика успеаја да направат целосен пресврт, имаа и напад за победа, но откако Мекиќ не реализираше зицер за триумф, гостите со одлична одбрана во дополнителните пет минути стигнаа до трофејот.

По натпреварот тренерот Александар Петровиќ истакна дека неговиот тим ја исполни целта со пласманот во АБА 1, а за натпреварот рече дека неговите момци лошо го отвориле и дека потоа стигнал и заморот за несреќен пораз.

„Лошо влеговме во натпреварот, му дозволивме на противникот да избега на 20 поени разлика. Потоа успеавме да ги стигнеме со зона, успеавме да ги свртиме работите во своја корист. Имавме шанса за победа, зицер, но не го искористивме. Тоа е кошарка, што да се прави. Во продолжение паднавме на психички план, веројатно не стигна и заморот. За следната сезона е рано да зборуваме. Ни престои домашното првенство во кое треба да ја браниме титулата. Ја остваривме целта, влеговме во АБА1 и тоа е најважно“, рече Петровиќ по натпреварот.

Се вчитува...