Петровиќ: Верувам дека МЗТ ќе обезбеди опстанок, играме добра кошарка и ќе бидеме уште подобри

Александар Петровиќ немаше многу замерки за изданието на својот тим на дуелот со Партизан. МЗТ Скопје претрпе уште еден убедлив пораз, но стратегот на „металците“ верува дека македонскиот првак ќе игра уште подобро во иднина и ќе победува кога ќе биде најважно.

„Мислам дека некако во грч го почнавме натпреварот, во првата четвртина повторно ги имавме тие фамозни девет поени. Не би рекол дека одигравме толку слабо во првиот период, имавме шест отворени шутеви за тројка, да погодевме половина од нив резултатот немаше да биде толку убедлив.  Во вториот период притиснавме малку повеќе во одбрана, бевме подобри во однос на првиот дел, но Партизан имаше одличен шутерски ден, погоди многу шутеви од далечина. Нормално дека имавме проблем пред се со дефанзивниот скок, кога се приближивме на десет поени тие по офанзивен скок дадоа тројка преку Нанали и повторно влегова во серија. Јас не сум задоволен кога мојот тим губи, но не можам да бидам незадоволен од тоа како моите играчи се залагаат на терен. Партизан е евролигашка екипа, ние имаме тежок распоред и во првите две кола играме со ривали од Евролигата, но верувам дека ќе биде уште подобро“, изјави Петровиќ на прес-конференцијата по мечот.

Стратегот на МЗТ Скопје е убеден дека „металците“ имаат се што е потребно за да обезбедат опстанок во АБА-лигата.

„Ние имавме и во Белград 17 асистенции против Црвена Звезда и денеска имаме 17 асистенциии, значи тимската игра функионира. со мали исклучоци. МЗТ Скопје, кажувам пред секој натпревар, ние одиме на секој натпревар за да победиме и не се предаваме однапред. Сега пред нас е Подгорица и Будуќност, дривал што исто така ќе се обидеме да го изненадиме, иако на сите ни е јасно дека тој дуел од четвртото коло од АБА-лигата со Студентски Центар е исклучително важен за сите нас. Јас сум оптимист, пред се поради формата што ни е во нагорна линија, но и поради професионализмот што моите играчи го покажуваат на тренинзите, желбата за уште поголем напредок. Се уште е рано да се говори, но мислам дека МЗТ Скопје има сили и квалитет за да обезбеди опстанок и следната година повторно да се натпреварува во елитата од АБА-лигата“, истакна Александар Петровиќ.

Се вчитува...