Петрушев пред камбек во Црвена Звезда

Црвена Звезда се враќа од Дубаи со бодови на своето евролигашко салдо, но и со големо засилување. Филип Петрушев наскоро повторно ќе го облече црвено-белиот дрес откако крилниот центар начелно го договори својот камбек во редовите на српскиот кошаркарски гигант, откако се најде во заден план во тимот на Дубаи на стартот од сезонава.

Интересно, Чави Пасквал реши воопшто да не го користи Петрушев на вчерашниот дуел со Звезда што неговиот тим убедливо го загуби. Веднаш по мечот, тренерот на Дубаи одби да даде конкретен одговор на прашањето зошто Србинот не одигра ниту минута во натпреварот во кој неговиот тим беше целосно натскокан и издоминиран во рекетот.

Српските медиуми доцна синоќа најавија дека преговорите се во тек, најавувајќи дека Црвена Звезда дополнително ќе ги интензивира преговорите по повредата на Мотли.

„Петрушев засега не доаѓа во Звезда. Велиме засега, затоа што преговорите се во тек, траат веќе петнаесетина дена. Работиме, преговараме, веруваме дека ќе се случи“, вели извор близок до управата на Црвена Звезда за „Спорт клуб“.

Петрушев два пати настапуваше за Црвена Звезда во својата кариера, најпрвин во 2022/23, а потоа и во сезоната 2024/25.

Се вчитува...